
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, соопшти дека добил упатен акт според кој најдоцна до 2 јули треба да се јави во Казнено-поправната установа „Скопје“ во Шутка за издржување на затворската казна, иако, како што тврди, сè уште не му е врачена правосилната пресуда.
Според Јакимовски, ваквата состојба претставува правна неправилност, а одолговлекувањето на постапката пред Врховниот суд, како и недоставувањето на пресудата, ги поврзува со политички влијанија.
Апелацискиот суд во Скопје неодамна ја потврди едногодишната затворска казна за кривичното дело бесправно градење, поврзано со бараката во која до септември минатата година беше сместена Општина Карпош. Бидејќи претходно поминал речиси пет месеци во притвор, доколку решението се изврши, Јакимовски ќе треба да издржи уште околу седум месеци затвор.
Тој смета дека правосилноста на пресудата има и политичка цел – да биде спречен повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош, особено доколку бидат распишани предвремени локални избори.
Јакимовски информираше дека до надлежните институции поднел барање за одложување на извршувањето на затворската казна поради здравствени причини.
Во меѓувреме, Апелацискиот суд ја укина тригодишната затворска казна што му беше изречена во друг предмет, кој се однесува на злоупотреба при издавање уверенија за општинската барака. Судот оцени дека обвинението не ги содржело сите неопходни елементи на кривичното дело, поради што предметот е вратен на повторно постапување. Во новата судска постапка, Јакимовски повторно ќе се соочи со обвинение за злоупотреба на службената положба.
„Ова е прв и единствен случај некој во Македонија да оди во затвор за дивоградба“, изјави Јакимовски, притоа повикувајќи го Врховниот суд да одлучува независно, професионално и без политички притисоци.


