
Денеска во Кочани, со почеток во 14:05 часот, се одржа 34-тиот протестен „Марш за ангелите“, на кој родителите на загинатите и бројни граѓани повторно ја изразија својата болка, но и револтот поради, како што велат, недоволната и селективна одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Учесниците маршираа мирно, носејќи свеќи и транспаренти, во знак на сеќавање на 63-те млади животи кои трагично згаснаа, но и како силна порака до институциите дека барањето за правда не смее да биде заборавено.
– Денес не сме овде од навика, не сме овде од инает. Овде сме затоа што не смееме да молчиме. Чекориме за нашите деца, за 63 ангели чии животи згаснаа прерано, за оние што требаше да растат, да сонуваат и да живеат. Овој марш не е само марш на тишината, ова е тишина што вреска – изјави родител на едно од загинатите деца.
Тој нагласи дека болката од загубата не се намалува со текот на времето, а уште поголема е фрустрацијата поради бавната правда.
– Службени лица од Министерството за внатрешни работи, кои според закон имале јасна обврска да постапат, се уште не се обвинети – посочи родителот.
Во своето обраќање, родителите упатија остра порака до надлежните институции, потенцирајќи дека селективната правда не е вистинска правда, молкот не е неутрален, а одолговлекувањето не е случајност.
– Нашето барање е јасно и легитимно: правда за нив, одговорност сега! – порачаа тие.
„Маршот за ангелите“ и овојпат заврши мирно, но со силна порака дека семејствата и граѓаните нема да се откажат од барањето целосна одговорност за трагедијата што го потресе Кочани и целата јавност.

