Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски повикува на трпение – Нема брзи решенија за Скопје

18/12/2025  22:58

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека е невозможно и неодговорно еден политичар да ветува дека ќе реши долгогодишни проблеми преку ноќ.

Тој нагласи дека е свесен за состојбите со кои со години се соочуваат граѓаните, но дека не може и не смее да создава нереални очекувања. Според него, проблемите што се таложеле со децении не се решаваат со брзи и популистички потези.

„Граѓаните да имаат трпение. Сите го живееме овој проблем години, па и децении наназад, но не можам и не сум ветил дека преку ноќ ќе направам чуда. Тоа е невозможно и неодговорно од политичар да го каже“, истакна Ѓорѓиевски.

Во продолжение, градоначалникот порача дека неговиот пристап ќе биде принципиелен и одговорен, нагласувајќи дека нема да дозволи заштита на поединци или интереси кои директно го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните. Тој додаде дека јавниот интерес и здравјето на скопјани ќе останат негов приоритет, без разлика на притисоци или политички последици.