Православните христијани денес, 21 ноември, го слават празникот на свети Архангел Михаил, во народот познат и како Зимски свети Аранѓел. Овој ден се вбројува меѓу најзначајните празници во есенскиот циклус, кој често се прославува како слава или именден.
Именден денес слават многу наши сограѓани со имиња како Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Михаила, Мила, Милка, Рајко, Рајна, Ратка и други.
Свети Архангел Михаил е војводата на ангелите и симбол на борбата против злото. На иконите е најчесто претставен со меч, кој ја симболизира неговата улога како заштитник на православната вера и борец против ересите.
Народни обичаи и верувања
Во минатото, на овој ден се изведувале разни обичаи. Во некои краишта се колел курбан за здравје и благосостојба, додека во охридскиот регион традицијата била на овој ден да се колат свињите одгледувани за зимата.
Свети Архангел Михаил според народните преданија е „ангел душевадник“, кој стои со вага и меч пред рајските порти. На вага ги мери добрите дела и гревовите на човекот, решавајќи дали душата оди во рајот или во пеколот.
Старите верувања велат дека времето на денешен ден го предвидува текот на зимата. Ако денес е сончево и мирно, и зимата ќе биде блага, а ако е студено и облачно, следува тешка и снежна зима.
Симболиката на прошката
Денес, според традицијата, се препорачува да се помолите за здравје за себе и за своите најблиски. Посебно значење има прошката – ако им простите на тие што ви згрешиле, верувањето е дека ќе ви се исполни најголемата желба и ќе го задржите здравјето на своите блиски.
Култот кон свети Архангел Михаил е длабоко вкоренет кај македонскиот народ, што се потврдува со бројните цркви и манастири посветени на него низ целата земја. Овој празник е уште една можност да се потсетиме на важноста на добрината, прошката и духовната сила во нашите животи.