Skip to main content
Македонија

Министерството предупреди, Врховен суд пресече – ЦСР Охрид пак си тера по свое!

12/12/2025  15:00

Директорот на Центарот за социјална работа во Охрид, Славчо Ристевски, тргна по стапките на неговиот претходник Игор Еленчевски, кој претходно беше разрешен и доби кривична пријава од Министерството за социјална политика, демографија и млади затоа што не постапуваше по дадените инструкции и се обидуваше да ги изигра процедурите. И покрај јасните насоки дека Центарот во Охрид не е надлежен да дава мислење во судската постапка за старателството на петгодишното дете, Ристевски повторно изготвил и доставил мислење до судот пишува А1он.

Во истиот ден тој доставил две различни документации: мислење дека детето треба да биде доделено на таткото, но истовремено и известување, потпишано од него и уште четворица членови, во кое признаваат дека Центарот е ненадлежен за предметот. Ова, според правни експерти, создава впечаток дека Ристевски свесно доставил документ кој нема правна тежина, а сепак има ефект врз постапката, што дополнително отвора сомнежи за мотивите и евентуалните влијанија врз донесувањето на ваков извештај.

Во меѓувреме, според дознавања на А1он, Центарот за социјална работа во Скопје, кој е единствениот надлежен да достави мислење во овој случај, смета дека детето треба да остане со својата мајка. Овој став е спротивен на повторените мислења на охридскиот Центар, кои без извршена опсервација на мајката упорно доставуваат позитивни оценки само за капацитетите на таткото.

Охридскиот Центар уште еднаш не ја повикал мајката и детето на опсервација пред да се изјасни за старателството, иако тоа беше главна забелешка на Врховниот суд при укинувањето на претходната пресуда. Тогаш, судот истакна дека мислењето од Охрид не може да биде единствена основа за пресуда, бидејќи Центарот постапувал спротивно на законската надлежност и без да ги процени двата родителски капацитети.

Министерството за социјална политика, демографија и млади во повеќе наврати потенцираше дека единствено Центарот за социјална работа во Скопје е месно надлежен да даде мислење во случајот, што е утврдено и со член 265 став 3 од Законот за социјална заштита.

Во својата одлука со која ја укина претходната пресуда за доделување старателство на таткото, Врховниот суд посочи дека судовите во Охрид и Битола погрешно го примениле материјалното право, бидејќи не ја зеле предвид законската одредба за надлежност. Судот оцени дека, кога Министерството веќе се произнело дека Центарот во Скопје е надлежен, судовите морале да го почитуваат тоа, особено затоа што Министерството врши контрола и инспекциски надзор врз работата на сите центри во државата.

Овој нов случај повторно отвора прашања за функционирањето на Центарот за социјална работа во Охрид и почитувањето на законските процедури, особено во чувствителни постапки кои директно задираат во правата и најдобриот интерес на детето.