Skip to main content
Македонија

Нов предлог како да се плаќаат казните од „Сејф сити“: треба да се внимава на позиционираноста на камерите

12/12/2025  09:56

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостувањето во „Претрес“ говореше за примената на системот „Сејф сити“ и потребата од негово континуирано подобрување. Тој истакна дека првите денови од имплементацијата покажале дека постојат бројни коментари од јавноста, по што е неопходно да се направи детална техничка ревизија, објави Скопје1.мк.

„Треба да се подобрува системот. Имаше доста коментари. Од технички аспект сметам дека треба да се внимава дали камерите се позиционирани како што треба, дали ги снимаат вистинските прекршоците, дали има проблеми со софтверот, како и безбедноста на тој софтвер – дали некој може да упадне во него“, изјави Андоновски.

Според него, прецизноста на камерите и софтверската стабилност се клучни за да се избегнат неправилно изречени опомени или евентуални злоупотреби.

Андоновски даде и конкретен предлог за начинот на плаќање на казните, со кој би се спречиле можни спам-напади или автоматизирани обиди за злоупотреба на системот.

„Ние го користиме националниот портал услуги.гов.мк и сметам дека плаќањето на казните треба да биде преку тој портал. Гарантира кое е лицето, го гарантира начинот на плаќање, поврзани сме со банкарскиот систем на картички, така што не може да има злоупотреби. Тоа е мој совет“, посочи тој.

Со оваа препорака, министерот укажува дека централизираното и дигитално плаќање е најсигурниот начин за контрола, транспарентност и спречување лажни трансакции.