
Група европратеници побараа да се истражат наводите дека палестинското исламистичко движење Хамас, кои ЕУ го смета за терористичка група, соработувало со невладини организации кои работат во Појасот Газа, меѓу кои и некои кои се финансирани од фондовите на Унијата.
Холандскиот европратеник Сандер Смит од редовите на Европската народна партија (ЕПП) упатил формално прашање до Еврокомисијата за тоа какви мерки презела таа за истражување на ваквите медиумски наводи.
– Дали Комисијата има намера да ги суспендира или да ги поврати средствата од невладините организации кои не ги почитуваат прописите?, наведе Смит во барањето, кое го потпишале уште десетина европратеници од редовите на ЕПП и од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Дополнително, 17 европратеници од различни пратенички групи упатиле писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое прашуваат дали ЕК смета оти средствата на ЕУ можеби „биле компромитирани“.
– Доколку се потврдат, овие тврдења покренуваат сериозни прашања за придржувањето на организациите финансирани од ЕУ кон строгите правила на Унијата, кои забрануваат каква било форма на соработка со и во корист на терористичка група или нејзина инфилтрација, напишаа европратениците во писмото, барајќи „детален одговор“.
Минатата недела беа објавени медиумски информации врз основа на откриени документи дека наводно Хамас внимателно ги следи меѓународните невладини организации кои дејствуваат во Појасот Газа и бара начини за соработка со нив. Според истите податоци, некои од овие организации биле директно финансирани од ЕУ.
Станува збор за документи на Хамас, датирани помеѓу 2018 и 2022 година, кои биле пронајдени од страна на израелските сили во Појасот Газа.
Во документите се посочува дека Одделот за внатрешна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Хамас, ги контролирал и одобрувал проектите што ги спроведувале невладините организации во Појасот Газа.
Анализата на документите што ја извршила невладината истражувачка мрежа Монитор со седиште во Ерусалим, укажува дека Хамас користел локални жители на Газа, кои ги нарекувал „жиранти“, за контакт со невладините организации кои биле активни во Појасот.
Овие „жиранти“ во некои случаи добивале „влијателни административни позиции“ во невладините организации, вклучително и функции на директори или претседатели на одбори. Еден таков „жирант поврзани со Хамас“ бил активен во италијанската хуманитарна невладина организација Чезви, која добивала финансии од ЕУ.
Во документ со датум од декември 2022 година се наведени личните податоци на неколку „жиранти“, за кои се вели дека би можеле да бидат искористени за „безбедносни цели“ и да се инфилтрираат во странски здруженија, да се поврзат со нивниот странски висок персонал и да учествуваат во нивните активности.
Во друг документ од 2020 година се посочува дека канцелариите на глобалната непрофитна организација Меѓународен медицински корпус (ММК), која исто така добивала средства од ЕУ, биле затворени на една недела затоа што одбила да му достави финансиски и административни извештаи на Хамас. Според наводите во документот, откако организацијата „ги исполнила наредбите“ на Хамас, нејзините канцеларии биле повторно отворени.
Во документ од декември 2022 година се наведува дека тогашниот административен директор на ММК во Појасот Газа, бил член на Хамас со чин капетан.
Документ, пак, од 16 јуни 2021 година тврди дека организацијата Оксфам соработувала со локална група поврзана со Хамас за реализација на проект за наводнување на овошки. Во документот се додава дека проектот ќе му помогне на Хамас во неговите воени цели, имајќи предвид дека се спроведува во „граничен реон“, кој е „безбедносно чувствителен“, како и дека овошките „се познати како покритие за активности на отпорот во граничните области“.
По ваквите наводи Оксфам демантираше дека има какви и да било врски со Хамас или со други палестински вооружени групи.
– Ризикот од пренасочување на помошта во Газа го сфаќаме исклучително сериозно, како што го правиме тоа во сите области на глобално ниво каде што работиме. Хамас ниту ја контролира, ниту ја насочува, ниту влијае на нашата програмска работа. Ниту едно финансирање од Оксфам не оди во Хамас или во други палестински вооружени групи, соопшти Оксфам.
Од 2019 година ЕУ бара од сите корисници на нејзини грантови да обезбедат дека „ниту еден подизведувач, учесник во работилници или обуки или примател на финансиска поддршка“ не е предмет на санкции од ЕУ. Овие правила важат и за групи кои ЕУ ги смета за терористички организации, како што е Хамас. Доколку организациите не ги почитуваат правилата на ЕУ, тогаш тие повеќе не можат да добиваат средства од европските фондови.
