Skip to main content
Свет

Крајно неизвесни избори во Хондурас: Кандидатот на Трамп премина во водство, опонентот тврди дека е направена измама

05/12/2025  10:22

Претседателскиот кандидат на политичкиот центар во Хондурас, Салвадор Насрала, тврди дека е направена измама на крајно неизвесните претседателски избори во земјата од изминатиот викенд откако неговиот ривал, поддржан од Доналд Трамп, Насри Асфура, преку ноќ премина во водство.

Резултатите од изборите се ажурирани на веб-страницата на изборната комисија. Насрала изјави на X дека резултатите исчезнале од екранот во 3:24 часот наутро, по што „алгоритмот ги променил податоците и го турнал Асфура во водство“.

Овие избори го привлекоа вниманието на пошироката светска јавност откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно го поддржа Насри Асфура од Националната партија.

На прес-конференцијата на Националната изборна комисија (CNE) беше кажано дека сите записи за резултатите од гласањето што се сметаат за неконзистентни ќе бидат разгледани и дека тие не се вклучени во вкупните резултати.

„Постојат случаи каде што записите од избирачките места покажаа непремостливи недоследности“, изјави раководителката на CNE, Ана Паола Хол, додавајќи дека пребројувањето ќе биде завршено во законскиот рок – 30 декември.

„Резултатите објавени од CNE ќе бидат конечни“, изјави Хол и ги замоли граѓаните за трпение.

Членот на CNE, Марлон Очоа, исто така, одржа прес-конференција на која го критикуваше изборниот процес за проблеми со објавувањето на резултатите, наводно купување гласови и заплашување и „дрска интервенција“.

„Верувам дека постои едногласност меѓу народот на Хондурас во врска со фактот дека имавме можеби најмалку транспарентни избори во нашата демократска историја“, нагласи Очоа.

Според сегашните резултати, кандидатот на Националната партија, Насри Асфура, има 40,25 проценти од гласовите, односно околу 23.900 гласови повеќе од кандидатот на Либералната партија, Салвадор Насрала, кој има 39,39 проценти. Рикси Монкада, кандидатката на владејачката левичарска партија Либре, е на третото место, далеку зад водечката двојка.

Досега се обработени околу 87 проценти од гласачките места, но се нагласува дека 17 проценти од гласачките места ќе бидат повторно броени. Насрала побара отворање истрага за колумбиската компанија АСД, за која вели дека „има удел во овој ненадеен пресврт“.

Обвинувањата за изборна измама го следат Хондурас уште од претседателските избори во 2013 година, кога опозициските лидери ја критикуваа владејачката партија за манипулирање со гласачките ливчиња и кршење на правилата за финансирање на кампањата.

На овие изборите, Трамп силно го поддржа Асфура, 67-годишниот поранешен градоначалник на главниот град Тегусигалпа. За време на кампањата, тој навести дека ќе ја намали сумата на американската помош за Хондурас доколку Асфура не победи.

Дополнително, тој го помилува претседателот на Националната партија на Асфура, Хуан Орландо Ернандез, кој отслужуваше 45-годишна затворска казна во САД за трговија со дрога и оружје.

И покрај вкрстените обвинувања и напнатата атмосфера, улиците на Тегусигалпа останаа мирни додека граѓаните ги чекаат конечните резултати. Претседателските избори имаат само еден круг, што значи дека победник ќе биде оној кој ќе освои најмногу гласови, без оглед на тоа дали има повеќе или помалку од 50 проценти.

Државниот департмент на САД ги повика сите партии да ја почитуваат независноста и интегритетот на Националната изборна комисија.