
– Американските службеници за имиграција започнаа операција за апсење на нелегални имигранти во Њу Орлеанс, соопштија денес федералните службеници, со што градот стана најнова цел на новата заострена имигрантска политика на претседателот Доналд Трамп.
Американското Министерство за внатрешна безбедност објави дека операцијата ќе биде насочена кон криминалци кои се ослободени од локален притвор. Имено, тие биле ослободени врз основа на градските политики што ја ограничуваат соработката со федералните власти за спроведување на мерките за имиграција.
Републиканскиот претседател нареди вакви операции во градовите предводени од демократите низ САД, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Чикаго и Вашингтон, во обид да ги доведе депортациите до рекордни нивоа.
Жителите и локалните службеници во градовите цел на репресијата против имиграцијата се спротивставија, велејќи дека агентите на Граничната патрола и Службата за имиграција и царина (ICE) уапсија многу луѓе без криминални досиеја и користеа тактики што ги доведоа жителите во опасност.
Жена, која побара да се идентификува само како Аби, рече дека нејзиното семејство дошло во САД од Мексико пред 20 години, но дека таа и другите не можеле да добијат легален статус. Таа рече дека е загрижена дека имиграциските власти би можеле да ја уапсат и да ја одвојат од нејзиниот 10-годишен син, американски државјанин.
„Не сме сите криминалци“, рече таа. „Ние сме вредни луѓе. Ние сме луѓе кои стануваат рано за да ги остварат своите цели и да се борат за своите соништа“, додаде таа.
Операцијата во Њу Орлеанс, град со околу 384.000 жители, се очекува да трае до крајот на годината, но нејзиниот обем сè уште е непознат.
