
Во хотелот „Александар палас“ денеска се одржува македонско-српски бизнис форум, на кој учествуваат повеќе од 200 компании и најмалку 300 учесници. Целта на настанот е продлабочување и интензивирање на економската соработка меѓу Северна Македонија и Србија.
Вицепремиерите Иван Стоилковиќ и Адријана Месаровиќ, кои вчера ги посетија компаниите „Пекабеско“ и винаријата „Камник“, оценија дека потенцијалот за заедничка соработка е значителен, особено во прехранбената индустрија. И покрај растот на трговската размена оваа година, тие нагласија дека просторот за понатамошно економско поврзување е уште поголем.
Пред стартот на форумот, во Владата ќе биде потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете влади, со кој се утврдуваат чекорите кон посилна економска интеграција.
Владината прес-служба утрово информираше дека поради здравствени причини се откажува присуството и обраќањето на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој требаше да се обрати на форумот.
