Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Подготвени сме за уставни измени, но без гаранции од Бугарија нема напредок

19/11/2024  23:42

Премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за косовската телевизија РТК, изјави дека Македонија е подготвена да ги започне уставните измени и да ги внесе амандманите 37 и 38 во Уставот, но под јасен услов: тие да станат ефективни само откако бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор за членство во Европската унија.

„Со овој предлог сме сигурни дека ќе ја завршиме трката до крај. Ова е максимумот што во моментов можеме да го направиме,“ рече Мицкоски, додавајќи дека за голем број земји-членки на ЕУ, предлогот е разумен и претставува основа за постигнување договор.

Тој истакна дека во изминатите месеци е спроведена интензивна дипломатска офанзива, која резултирала со позитивни сигнали, и дека е поголем оптимист отколку пред една година. Сепак, предупреди на сериозните ризици што ги носи билатерализацијата на процесот на преговори.

„Полека ја гледаме светлината, но сме свесни за пречките. Уставните измени можат да ја прескокнат само првата пречка, но никој не гарантира дека ќе стигнеме до крајот. Ако Бугарија не ги исполни своите обврски, целиот процес ќе биде доведен во прашање,“ потенцираше Мицкоски.

Во интервјуто, премиерот изрази загриженост за прашањето за внесување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот, посочувајќи дека ова не е барање поставено за други земји како Косово, Албанија или Србија, каде што има поголем број припадници на бугарската заедница.

„Дали ова е прашање на човекови права? Ако е така, зошто тогаш Европскиот суд за човекови права донесе 14 одлуки за нарушување на правата на Македонците во Бугарија, а ниедна за бугарската заедница кај нас?“ запраша Мицкоски, додавајќи дека е нелогично Македонија да прави уставни отстапки додека Бугарија не ги почитува основните човекови права.

На прашањето за Законот за употреба на јазиците, Мицкоски истакна дека оваа тема е вештачки создадена од страна на ДУИ за нивна политичка заштита. Тој додаде дека се подготвува ново законско решение кое ќе овозможи правична застапеност и напредување според компетенции и знаење.

Премиерот заврши со јасна порака:

„Македонија нема подобра алтернатива од Европската унија, но нашата борба за членство мора да биде фер и врз основа на достигнувањата. Време е Европа да покаже дека стои зад своите зборови.“