
Силни поплави повторно ја погодија Азија, каде загинаа стотици луѓе. Во Индонезија, спасувачките тимови водат трка со времето во потрагата по најмалку 400 исчезнати лица, за кои се стравува дека се затрупани во свлечишта по циклонските дождови што ја зафатија областа пред речиси една седмица.
Властите потврдија дека само на островот Суматра бројот на загинати надминал 440, додека бурата и обилните дождови што го погодија Тајланд, Малезија, Филипини и Шри Ланка овој месец однесоа повеќе од 900 животи.
Индонезија беше погодена од исклучително редок тропски циклон Сенјар, кој предизвика катастрофални свлечишта, уништи домови и потопи илјадници објекти. Според Националната агенција за управување со катастрофи, голем број луѓе се исчезнати во провинциите Ачех, Северна Суматра и Западна Суматра. Помошта пристигнува по воздух и море, но некои села сè уште се целосно отсечени, а се појавиле и извештаи за кражби на храна и вода, пренесува BBC.
Доставата на хуманитарна помош е исклучително бавна во најтешко погодените подрачја – градот Сиболга и округот Централен Тапанули. Поради обидите за провали во продавници, регионалната полиција е распоредена да одржи ред.
Климатологот Ерма Јулихастин објаснува дека уништувањето е последица на огромен и долготраен систем на грмотевични бури. Просечната месечна количина врнежи во погодените региони е околу 150 мм, додека на некои локации таа количина паднала во само еден ден.
„Сѐ над 100 мм за еден ден е екстремно, а 200 мм е катастрофално“, изјави таа.
На 23 ноември на западниот брег на Суматра паднале 160 мм дожд, а ден потоа дури 226 мм.
Југоисточна Азија се соочува со едни од најтешките поплави во историјата. Циклонот Сенјар предизвика силни дождови и свлечишта во Тајланд и Малезија, каде загинаа околу 170 луѓе. Во Виетнам, приближувањето на тропската бура Кото однесе уште три животи, а претходните дождови веќе усмртија најмалку 90 лица.
Тифунот Калмаеги, кој ги погоди Филипините на почетокот од ноември, однесе речиси 300 животи. Во Јужна Азија, циклонот Дитвах ја погоди Шри Ланка, каде загинаа повеќе од 330 луѓе. Претседателот Анура Кумара Дисанајаке ја опиша ситуацијата како „најголема природна катастрофа“ во историјата на земјата
