Skip to main content
Македонија

Петар Богојески е нов член на Наставно-научниот совет на Воената академија

28/11/2025  17:33

Петар Богојески е официјално избран за член на Наставно-научниот совет (ННС) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Процесот на неговиот избор во наставно-научно фела доби правна завршница по спроведениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

Според информациите, инспекторатот вршел повеќемесечен надзор врз процедурата, при што е констатирано дека изборот на Богојески е спроведен согласно сите законски и подзаконски акти. Дополнително, во текот на надзорот, ДПИ утврдил неправилност во претходна одлука на ННС која била на штета на кандидатот, по што е донесено решение за исправка на истата. Со ова, административните пречки се отстранети, а мандатот на Богојески во Советот е верификуван.

Богојески: Нема да ја тужам Академијата, но постапките за клевета продолжуваат

Богојески го потврди завршувањето на процесот. На прашањето дали планира да поднесе тужба за надомест на штета против институцијата поради одолговлекувањето на постапката, тој категорично ја отфрли таквата можност, истакнувајќи го својот почит кон Воената академија.

„Никогаш не сум ја тужел мојата татковина Македонија, нема ниту сега, ниту во иднина. Воената академија ја доживувам како мој втор дом и семејство – за неа се бориш, а не ја тужиш,“ изјави Богојески.

Сепак, тој посочи дека судските и дисциплинските постапки против поединци (новинари и професори) кои, според него, пласирале невистини и клевети поврзани со неговиот избор, ќе продолжат до добивање на правосилна судска пресуда.