
Властите во Хонг Конг соопштија дека бројот на жртви во најлошиот пожар во градот во последните децении се искачил на најмалку 94. Пожарот е речиси целосно изгаснат, а спасувачите ги пребаруваат изгорените високи згради за десетици лица кои сè уште се водат како исчезнати.
Властите претходно соопштија дека пожарот е ставен под контрола во комплексот со речиси 2.000 станови, по повеќе од 24 часа откако избувна пожарот во комплексот од осум згради.
Најмалку 76 лица се повредени во пожарот, вклучувајќи 11 пожарникари, изјави портпарол на владата. Десетици сè уште се водат како исчезнати, објави АФП.
Пожарот во Ванг Фук Корт значително се смирил, но искри и густ чад сè уште се издигаат од зградата. Пожарникарите продолжуваат да прскаат вода врз зградата за да ја оладат и да спречат повторно разгорување на пламенот.
Властите започнаа истрага за причината за пожарот – најлошиот во финансискиот центар во последните речиси 80 години – вклучувајќи го и присуството на бамбусови скелиња и пластични мрежи завиткани околу структурите како дел од голема реконструкција.
Антикорупциската агенција на Хонг Конг соопшти дека започнала истрага за реновирањето во комплексот, неколку часа откако полицијата соопшти дека уапсила тројца мажи под сомнение дека невнимателно оставиле пена за пакување на местото на пожарот.
