Skip to main content
Спорт

Убедлив триумф на македонските кошаркари против Азербејџан

27/11/2025  21:27

Македонската кошаркарска репрезентација со убедлива победа 87:49 остварена вечерва против Азербејџан ги стартуваше претквалификациите за Евробаскет 2029. Резултат по четвртини: 22:13; 18:8; 23:16 и 24:12.

Со овој триумф македонскиот национален тим ја потврди фаворитската улога во групата. Избраниците на селекторот Марјан Илиевски од самиот почеток диктираа темпо, а со тоа имаа и контрола над резултатот. Предводени од капитенот Војдан Стојановски и Андреј Јакимовски, нашиот национален тим првата двоцифрена предност ја оствари на почетокот на вториот период (25:15), а на полувреме беше 40:21. Во 26.минута македонските кошаркари стигнаа до +20 (52:32), а предноста постојано се зголемуваше независно која петорка беше на теренот. Во финишот разликата ја мина границата и од 30 поени за конечни 87:49.

Во македонскиот дрес дебитираше и Омари Мур (6 поени). Стојановски (16 поени – 11 скокови) и Јакимовски (25 поени и 11 скокови) завршија со „дабл-дабл“ ефект.

Во тек е вториот дуел од групата меѓу Луксембург и Република Ирска.

Следниот натпревар македонските кошаркари го играат во недела во Даблин против Република Ирска.