
Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, проф. д-р Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција соопшти дека закажува редовна седница по поднесената претставка од Здружението „16 Март” – здружението на родителите на загинатите деца од Кочани. Седницата ќе се одржи на 9 декември 2025 година, со цел да не се преклопи со судските рочишта и поради симболичната поврзаност со 10 декември – Светскиот ден на човековите слободи и права.
На седницата се поканети сите членови и заменици на Комисијата, претседателот и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата, како и подносителите на претставката, кои ќе имаат право на обраќање.
Апасиев нагласи дека ова не е ниту надзорна, ниту јавна расправа, туку редовна седница што Комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани – пракса која и претходно постоела во парламентот. Тој потсети дека постоеле три неуспешни обиди оваа точка да се стави на дневен ред, поради што е поведена и управна постапка против претседателот на Собранието.
Во однос на паралелните иницијативи за анкетни комисии од власта и опозицијата, Апасиев објасни дека тие се ад хок тела со ограничен рок и квази-истражни функции, додека постојаната Комисија има континуитет и редовни обврски.
Во делот на новинарските прашања, тој истакна дека клучната цел е конечно родителите да добијат институционална можност да се обратат во Собранието – нешто што со месеци им било блокирано.
Очекувањата од седницата се да се отвори плодна дискусија и да се понудат заклучоци со конкретни законски измени, кои ќе адресираат системски пропусти и ќе лоцираат политичка одговорност.
Правната постапка продолжува во судот и парламентот во неа не може да се меша, но има обврска да ја утврди политичката страна на одговорноста и институционалните пропусти што доведоа до трагедијата во Кочани.
