
Македонија годинава доби нов европски шампион во мотоциклизам – Петар Мијалков, човек кој со огромна посветеност, храброст и дисциплина успеа да се искачи на самиот врв на БМУ Европскиот шампионат.
Со моќни настапи, стабилни резултати и карактер што не отстапува пред предизвиците, Петар ја испиша една од најубавите страници во историјата на нашиот мото спорт.
Свечен шампионски круг во Штип во чест на Петар Мијалков
Во негова чест, во Штип беше организиран свечен шампионски круг, каде што љубителите на мотоциклизмот го поздравија и му оддадоа признание за европскиот успех. Минатиот месец, по повод 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Штип, Петар Мијалков доби и специјална награда и признание од градоначалникот Александар Јорданов и од Градот Штип, како благодарност за огромниот придонес и промоција на градот на меѓународната спортска сцена.
Кој е Петар Мијалков?
Петар ја носи љубовта кон мотоциклизмот од најрана возраст. Иако желбата отсекогаш постоела, недостигот на финансии и услови го одложиле неговиот почеток. Во 2017 година го купува својот прв мотор и започнува да вози по улични патеки, но сонот за вистинска тркачка стаза секогаш стоел како недостижна цел. Кога конечно ги обезбедува потребните средства, започнува да тренира на стаза – и во 2023 година официјално влегува во светот на трките.
Активно се натпреварува само три години, но резултатите зборуваат сами за себе. Во втората натпреварувачка година (2024) ја освојува својата прва голема титула – БМУ Европски вицешампион и Државен шампион на Македонија. Веќе следната година, неговиот талент и труд кулминираат: Петар е на самиот врв и на БМУ Европскиот шампионат и на Државниот шампионат за 2025 година.
Надвор од патеката, Петар е смирен, вреден и семеен човек. Во брак е три години со сопругата Стефанија. Татко е на синот Драган, а семејството наскоро ќе се зголеми – тие ја очекуваат својата принцеза. Токму семејната поддршка, како што вели самиот Петар, му дава сила да продолжи, да се усовршува и да чекори кон уште поголеми цели.
Петар Мијалков – шампион по резултати, но и по карактер. Човек кој докажа дека соништата се остваруваат кога работиш чесно, трпеливо и со срце.
