
Во Белгија денеска се одржува 24-часовен генерален штрајк, со кој се заокружува серијата протести организирани од трите најголеми синдикати.
Иако не беше предвиден голем марш во Брисел, низ земјата имаше собири и блокади, а на протестот се приклучија и многу работници од приватниот сектор.
Штрајкот го организираат Конфедерацијата на христијанските синдикати, Генералната федерација на трудот на Белгија и Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија , кои се спротивставуваат на социо-економските реформи на белгиската влада. Синдикатите тврдат дека мерките ги намалуваат пензиите и социјалната поддршка, го зголемуваат ДДВ-то и ги ограничуваат правата на работниците. Бараат укинување на овие политики и воведување даноци за богатите и големите компании.
Утрово активисти ги блокираа приодите до пристаништето во Антверпен. Полицијата интервенираше по инцидент со двајца велосипедисти, по што блокадата беше тргната попладне. Во штрајкот се вклучи и образовниот сектор, каде над 25.000 вработени стапија во протест.
