
Европскиот парламент денес го усвои Буџетот на ЕУ за 2026 година со 419 гласа „за“, 185 „против“ и 53 „воздржани“. Буџетот предвидува зголемена финансиска поддршка за истражување, прекугранична инфраструктура, контрола на границите, климатски акции и надворешна политика.
Вкупно се предвидени 192,8 милијарди евра за „обврски“ и 190,1 милијарди за „исплати“. „Обврските“ се трошоци за активности кои се реализираат во повеќе години, додека „исплатите“ покриваат проекти за тековната година. Најголеми средства за „обврски“ се издвоени за: кохезија, отпорност и вредности – 71,65 милијарди; природни ресурси и животна средина – 56,53 милијарди; единствен пазар, иновации и дигитални технологии – 22,16 милијарди. За „исплати“ најмногу се доделени: кохезија, отпорност и вредности – 73,17 милијарди; единствен пазар, иновации и дигитални технологии – 23,34 милијарди; природни ресурси и животна средина – 52,58 милијарди.
Вкупните средства за „обврски“ изнесуваат околу 1% од БДП на ЕУ, а за „исплати“ 0,99% од БДП. Буџетот претходно доби зелено светло и од Советот на ЕУ. На денешната пленарна седница, европратениците усвоија и измени на Законот за дефорестација, Извештај за онлајн заштита на малолетници со минимална возраст од 16 години за социјалните мрежи, како и Резолуција за зајакнување на надзорот над платформите за е-трговија.
