Македонската поранешна министерка за одбрана Радмила Шекеринска е именувана за заменик генерален секретар на НАТО, соопшти пред малку Алијансата.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.
Покрај Шекеринска другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.
Радмила Шекеринска беше министерка кога Македонија стана 30 земја членка на НАТО.
Претходно, таа извршуваше и други високи државни функции како заменик премиер за европски прашања.
Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од Западен Балкан, а функцијата ќе ја преземе до крајот на годината.