
Од вкупно 193 повредени во пожарот во Кочани, 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување, а во болниците во странство и кај нас се лекуваат уште 100 пациенти. Министерот за здравство Арбен Таравари утрово кажа дека е подобрена состојбата на еден од четворицата пациенти кои се во критична состојба.
„Имаме добри вести. Вкупно ни остануваат од 193 пациенти за среќа само 100 пациенти кои се лекуваат од кои за среќа денеска имаме само тројца критични. Во Македонија се лекуваат 20 пациенти. На Клинички центар петмина, во Стара градска седуммина, петмина во ГОБ ‘8 Септември’ и тројца во приватните болници. Надвор од државата се лекуваат 80 пациенти и денеска се враќаат уште двајца пациенти. Имаме најава за враќање на повеќемина пациенти до крајот на неделата“, рече министерот Таравари.
Тој нагласи дека катастрофалниот настан во Кочани ги погодил сите, не само како институции туку и како луѓе.