Општина Крива Паланка преку МТСП обезбеди нови 29.000.000 денари за реализација на социјалната услуга “ПОМОШ И НЕГА ВО ДОМОТ“ со што се имплементира една многу важна помош и поддршка за постарите и изнемоштени лица, мерка која прераснува во препознатлив социјален сервис за највозрасните, болните, осамени и изнемоштени наши сограѓани.
Четврта година по ред, Општината во соработка со Црвен крст и со поддршка од МТСП, успева да пружи вистинска грижа, помош и нега за нашите возрасни жители, и тоа директно во нивните домови успешно имплемнтирајќи ја оваа мерка.
Со оваа социјална услуга за нашите возрасни жители, се обезбедува помош во вршење на основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои неможат сами да се грижат за себе, со цел да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.
Денес оваа услуга за помош и нега во домот, ја добиваат околу 100 стари лица од страна на сертифицирани негуватели на стари лица.
Во рамки на оваа мерка, набавено е и теренско моторно возило за непречено функционирање при пружање на услугите за старите и изнемоштени лица и воедно опремен е и „Нега центар“ за негуватепките во просториите на ОО Црвен Крст Крива Паланка.
Општина Крива Паланка континуирано води грижа за ранливите категории лица, особено за постарите, болните, осамените и изнемоштени наши сограѓани, имплементирајќи низа на мерки и активности преку програмата за Социјална, детска и здравствена заштита, преку која во 2024 година од буџетот на Општината се издвоени 200.000 денари за реализација на специјализирана обука за невработени лица за персонални асистенти и негуватели, со што, во моментот општината располага со вкупно 62 сертифицирани негуватели.
За грижата, помошта и поддршката од страна на Општината за оваа категорија на лица, конкретно говорат и финансиските параметри, и ако во 2023 година Општината преку Светска банка обезбедила помош од вкупно 11.000.000 денари за реализација на оваа мерка, денес, за 2025 година за оваа услуга се обезбедени околу 29.000.000 денари.
Исто така Општина Крива Паланка активно работи и на процесот на реализација на значајниот проект за изградба на Дом за стари лица, со што јасно се покажува грижата за највозрасните и проактивниот однос и конкретните мерки на Општината, а се во насока на решавање на нивните потреби и приоритети.