Искористете го денешниот сончев и топол ден: Од утре (четврток) па натака значително постудено и со локални врнежи!

Метео анализа на Славчо Попоски:

Уште во денешниот ден (среда) уживајте во претежно сончевото и топло време, и покрај тоа што кон крајот на денов и во вечерните часови облачноста ќе започне да се зголемува.

Од утре (четврток) па во деновите потоа, вклучувајќи го и викендот ќе имаме  зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, но со послаб интензитет. Поради продор на значително постудена воздушна маса од истокот и од североистокот на Европа, температурите позначително ќе опаднат, и тоа за 7 до 8 степени во однос на денешните.

Заладувањето најмногу ќе го почувствуваме за време на викендот, кога  и температурите ќе бидат најниски и наутро понекаде, особено во Беровскиот регион ќе се спуштат и за неколку степени под нулата, а на другите места тие ќе се спуштаат некаде до околу, па  и под 5 степени, а само во југоисточните предели тие ќе останат највисоки и ќе бидат до околу 10 степени.

Максималните дневни температури пак најниски ќе бидат како што кажав за време на викендот, кога ќе се спуштаат во интервалот помеѓу 14  и 20 степени.

Во Скопскиот регион исто така од утре (четврток) па во деновите потоа ќе имаме зголемена облачност и значително посвежо време, а не се исклучува можноста и за повремен локален слаб дожд. Што се однесува до температурите, тие наутро ќе се спуштаат во интервалот помеѓу 6 и 9 степени, додека максималната температура ќе се искачува во интервалот помеѓу 20 и 22 степени.

Да напоменам дека оваа промена на времето ќе биде проследена и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец, и истиот локално ќе засилува на интензитет.

Треба да знаете
Последни објави