Учество на министерот Муцунски на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур.

Во годината кога Советот на Европа одбележува 75 години од своето основање, министерот Муцунски, на покана на претседателот на Парламентарното собрание, Теодорос Русопулос, се обрати пред парламентарните делегации на земјите членки на Организацијата. Обраќањето беше проследено со размена на прашања и одговори со пратениците. Во своето излагање, министерот Муцунски се осврна на актуелните кризи и предизвици со кои се соочува европскиот континент, како што се руската воена агресија врз Украина, последиците од пандемијата, економската криза, демократското назадување, растот на екстремизмот и дезинформациите, трговијата со мигранти, како и влијанието на климатските промени и новите технологии. Притоа, тој ја истакна важноста на оваа организација и нејзините правни инструменти и мониторинг механизми за надминување на овие предизвици, со посебен акцент на нивното влијание врз човековите права, демократијата и владеењето на правото. Во овој контекст, ја нагласи улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и важноста на зајакнување на системот на Европската конвенција за човекови права, особено имплементацијата на неговите пресуди од страна на земјите членки.

„Следната година ќе одбележиме 30 години членство во Советот на Европа и 20 години откако Европскиот совет донесе одлука за доделување кандидатски статус на нашата земја за членство во ЕУ. Овој период беше време на несомнена трансформација, во кој соработката со Советот на Европа одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси и исполнувањето на европските стандарди во клучните области. И покрај сите предизвици на патот кон членството во ЕУ, комплетирањето на проектот за европско интегрирање за нас е неминовно, а брзината на овој процес во голема мера зависи од предвидливоста и кредибилноста на ЕУ пристапниот процес”, нагласи министерот Муцунски во своето обраќање.

Говорејќи за процесот на евроинтеграција на земјата, Муцунски посочи дека тој сè уште е попречен од пречки кои изгледаат сè повеќе неправедни, додавајќи дека овој процес не само што ја тестира „отпорноста на институциите”, туку и „трпеливоста на народот”.

„Замислете го разочарувањето на една нација која направила сè што е побарано од неа, само за да ѝ се каже дека целта е сè уште недостижна. Како да се задржи надежта кога чувствувате дека самите принципи на Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нерамноправно?”, истакна министерот во своето обраќање.

Тој додаде дека, и покрај долгиот процес на интеграција, владата останува посветена на темелните реформи и принципите врз кои се заснова членството во Унијата.

„Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или да создадат наративи за жртвување. Наместо тоа, ќе продолжиме да се бориме за нашето заслужено место во Европа, водени од вербата дека правдата на крајот ќе победи. Патот можеби е долг, но ние остануваме посветени на вредностите што ги претставува Европа и ќе продолжиме да се залагаме за процес кој е праведен, транспарентен и заснован на меѓусебна почит”, заклучи министерот Муцунски.

Треба да знаете
Последни објави