Долговите повторно ќе застаруваат за десет години – Уставниот суд ги укина измените во законот

Уставниот суд денеска донесе одлука со која ги укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациските односи. Согласно одлуката, ќе се применува стариот Закон за облигациски односи, односно, рокот на застареност на побарувањата на доверителите останува десет години.

Претходно, лани во август, Собранието со измените законот го скрати рокот на застареност на побарувањата на доверителите од десет на пет години, овозможувајќи му на законот ретроактивно дејство.

Како што посочи на денешниот брифинг за медиуми, судијката Ана Павловска Данева, известител за предметот, одлуката се заснова на причините што Собранието не внимавало на забраната на повратно важење на законите, како и на уставната обврска да овозможи преоден период за прилагодување на граѓаните на новиот правен режим, (vacatio legis), која се однесува на објавување на измените во Службен весник.

Согласно Уставот, како што појасни Данева, исклучок од споменатото правило за објава во Службен Весник е дозволен, но Собранието не дало одговор до Уставниот суд, ниту пак во образложението на предлог-законските измени не се осврнало на причините и целите за правење на ваков исклучок, со што Судот се сомнева дека се нарушени легитимните очекувања на граѓаните како и нивната правна извесност.

Уставниот суд во јуни годинава поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023), откако во јануари годинава по овој закон не поведе постапка.

Како што информираа оттаму, тогаш Уставниот суд ја искористи деловничката можност како и уставно-судската пракса повторно да се впушти во расправа за прашањето на уставноста на истите законски одредби, врз основа на тоа што е направена подлабока анализа и е изнесена дополнителна аргументација, како и врз основа на фактот дека овој пат Судот одлучуваше во полн состав. (МИА)

Треба да знаете
Последни објави