Претседателот на Иран ќе присуствува на Самитот на БРИКС во Русија

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан ќе присуствува на претстојниот Самит на БРИКС во Русија, јавија иранските државни медиуми.

Амбасадорот на Иран во Москва, Казем Џалали потврди дека Пезешкијан ќе присуствува на Самитот на БРИКС, што ќе се одржи од 22 до 24 октомври во Казан.

Пезешкијан таму ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, истакна Џалали, додавајќи оти Иран и Русија ќе потпишат билатерален договор за соработка.

Веста за присуството на Пезешкијан на Самитот на БРИКС е објавена во време на зголемени тензии со Западот поради воената соработка помеѓу Иран и Русија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 10 септември изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран, кои најверојатно ќе ги употреби за неколку недели во Украина. Тој додаде дека соработката помеѓу Москва и Техеран е закана за пошироката европска безбедност.

По изјавата на Блинкен, САД, Германија, Велика Британија и Франција воведоа нови санкции против Иран.

Еден ден потоа шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи изјави дека Техеран не испорачал балистички ракети во Русија, истакнувајќи оти санкциите не се решение.

Треба да знаете
Последни објави