Имало или не саботажа со реагенсите во ИЈЗ – се чека извештајот на вештите лица

И по речиси еден месец од инцидентот, се уште не се знае кој и зошто ги исклучи фрижидерите во Институтот за јавно здравје каде се чуваа реагенси.

Обвинителството се уште го истражува случајот. Оттаму велат дека се чека вештиот наод, кој треба да го изготват вештите лица за причините за прекинот во напојувањето.

– По наредба на јавен обвинител, вешти лица се излезени на лице место во Институтот за јавно здравје, по што треба да изготват вешт наод. – велат од ЈОРСМ.

Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, но и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, обвинителството итно оформи предмет уште на први август.

Директорката која го пријави инцидентот во надлежните институции изрази сомнеж дека станува збор за саботажа. Од струја биле исклучени еден фрижидер и една комора, во коишто се чуваат значајни реагенси кои детектираат низа заболувања.

Извор: 24 ТВ

Треба да знаете
Последни објави