Мицкоски тврди дека му бил понуден поткуп за тендерот за пругата кон Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, вреден 560 милиони евра. Станува збор за тендер кој бил објавен од минатата Влада за изградба на железницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, проект кој сегашната Влада го оцени како нецелосен и неперспективен, бидејќи завршува во слепа улица и тунел, без изгледи за продолжување од бугарската страна.

„Нудењето поткуп не оди јавно на емисија или преку документ на кој треба да се потпишеме заедно двете страни дека јас ти нудам поткуп, па ти го прифаќаш. Знаеме како оди тоа преку канали, и еве сега кажувам дека за пругата кон Бугарија имаше обид за да ми биде понуден поткуп за да ја прифатам оваа тендерска документација која истекува на 17 септември. Јас кажав дека овој тендер нема да го прифатам и така ќе биде“, изјави Мицкоски на прес-конференција посветена на реформската агенда 2024-2027 за членство во Европската унија.

Владата планира парите од овој проект, кои се обезбедени од ЕУ, да ги пренамени за други проекти, како изградбата на Коридорот 10. „Тоа се пари на европските даночни обврзници, наидоа на разбирање и понатаму дијалогот со бугарската страна ќе се одвива во Брисел“, додаде Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави