Тошковски: Откриени пропусти при преминувањето на границата од страна на делегацијата на Африм Гаши

Министерството за внатрешни работи изврши интензивни проверки поврзани со патувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Косово. Овие проверки, кои се спроведуваа во изминатите три дена, вклучуваа преглед на камерите на граничниот премин Блаце, увид во евиденцијата на системот за контрола на патници и возила, како и проверка на книгите на настани и процедури на граничниот премин.

Според официјалните наоди, планот за патувањето на Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги по известување од Министерството за надворешни работи на 16 август 2024 година. Во известувањето се опфатени претседателот на Собранието, членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила.

Преминот на границата на 18 август 2024 година, во периодот од 18:40 до 18:42 часот, бил извршен со шест возила под полициска придружба, од кои три биле полициски возила и едно ВИП возило.

Министерството утврди дека во Системот за контрола на патници и возила, претседателот на делегацијата и членовите на неговото семејство не се евидентирани, и покрај тоа што нивното заминување било најавено. Исто така, констатирано е дека процедурата за евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин не била целосно запазена.

Министерството најави дека за утврдените пропусти во работењето, Регионалниот центар за гранични работи Север ќе преземе соодветни мерки за утврдување на одговорност од страна на раководителот на смена на граничниот премин, согласно Колективниот договор на МВР.

Во својот извештај, Министерството истакнува дека законите мора да важат еднакво за сите и дека секое оддалечување од законските и работните процедури ќе биде санкционирано. МВР апелира до сите полициски службеници да работат согласно законите и правилата, и да одбијат секоја незаконска наредба или непринципиелно барање.

Треба да знаете
Последни објави