Русинка доби 12 години затвор за предавство – донирала 51 долар за поддршка на Украина

Рускиот суд ја осуди Ксенија Карелина на 12 години затвор за предавство затоа што донирала 51 долар за добротворна организација за поддршка на Украина.

Карелина, балерина аматер, која има американско и руско државјанство, се изјасни за виновна минатата недела по судењето што се одржа зад затворени врати, пренесува „BBC“.

Таа живееше во Лос Анџелес и стана државјанин на САД во 2021 година, а беше уапсена за време на семејна посета минатиот јануари во Екатеринбург, на околу 1.600 километри источно од Москва.

Обвинителите бараа 15-годишна затворска казна. Судот во Екатеринбург ја прогласи за виновна за велепредавство и ја осуди на затвор во казнена колонија на општ режим.

Карелина беше обвинета од руската безбедносна служба „ФСБ“ дека собрала пари за една украинска организација која и обезбедувала оружје на украинската војска.

Руските активисти за човекови права рекоа дека е направен единствен трансфер од 51,80 долари на првиот ден од целосната инвазија на Русија на Украина на 22 февруари 2022 година.

Нејзиниот адвокат, Михаил Мушаилов, рече дека Карелина само признала дека ги префрлила парите и верува дека средствата ќе им помогнат на жртвите од двете страни. Тој за руските медиуми изјави дека ќе поднесе жалба на казната.

Добротворната организација „Разом за Украина“, на почетокот на оваа година соопшти дека е „згрозена“ кога слушнала за апсењето на Карелина и негираше дека собрала пари за оружје или муниција.

Се вели дека тоа е добротворна организација основана од САД, фокусирана на хуманитарна помош и помош при катастрофи.

На Карелина и се судеше во јуни во истиот суд како и Еван Гершкович, репортерот на Волстрит журнал кој беше затворен за шпионажа, но беше ослободен претходно овој месец како дел од големата размена на затвореници со САД и други земји.

Нејзиното момче, боксерот Крис ван Херден, минатата недела изјави дека судењето било вознемирувачко.

„Не можев да се ставам во нејзината кожа и само да замислам низ што минува“, рече тој.

Минатата година претседателот Владимир Путин потпиша указ за формално зголемување на максималната затворска казна за предавство од 20 години на доживотна.

Според активистите за човекови права, минатата година беа отворени рекорден број случаи за предавство.

Треба да знаете
Последни објави