Заминаа со позајмени пари : Ученици од Прилеп и Штип освоија сребрен и бронзен медал на олимпијада по хемија

На 56-тата Меѓународна олимпијада по хемија тимот на Македонија освои една сребрена и една бронзена медала.

Сребрен медал освои Петар Мирчевски од прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а бронзен – Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип.

Успешно се претставија и средношколците Иван Костевски од „Славчо Стојменски“ од Штип и Елена Живаљевиќ од гимназијата „Јахја Кемал“ од Скопје.

Ова е прво сребро за Македонија на светскиот натпревар. Ментори на нашиот тим се професорите д-р Миха Буклески и д-р Марина Стефова од Институт за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и членови на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија кои го организираат нашето учество.

Петар Мирчевски од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ освои сребрен медал, а Марио Ванчоски од гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип – бронзен, на 56. Меѓународна олимпијада по хемија во Ријад, Саудиска Арабија.

– Со големи перипетии, тимот замина за Ријад. Ги купија авиобилетите во последен момент, со позајмени пари и делумно со донации. Ако не се обезбедат средства, учениците ќе мора да го сносат трошокот. Законот за средно образование не предвидува пари за оваа намена, иако МОН доделува акредитации за натпреварите. Во меѓувреме, објавивме и повик за донации. Иако, тимовите заминаа и сите се вратија со медали, проблемот не е решен и донациите сè уште се отворени – велат од тимот.

МОН најави дека кон средината на август ќе ги прими претседателите на здруженијата и учениците олимпијци.

Треба да знаете
Последни објави