Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Касандра Фернандо, претседавач со Групата за пријателство вo Парламентот на Австралија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Касандра Фернандо, претседавач со Групата за пријателство вo Парламентот на Австралија.

На средбата се разговараше за севкупните македонско-австралиски билатерални односи, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво.

Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека посетата на пратеничката Фернандо, втора по ред на нашата држава, е потврда за посветеноста за продлабочување на соработката.

Претседателката Сиљановска Давкова на средбата истакна дека и покрај географската оддалеченост, двете држави продолжуваат да развиваат силни пријателски односи, посочувајќи на македонската дијаспора во Австралија, која дава силен придонес во севкупниот развој на австралиското општество и е важен мост на поврзување меѓу двете држави.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава високо ја цени континуираната поддршка и помош што Австралија ја дава во исполнувањето на нашите стратешки цели и изрази надеж дека оваа поддршка исто така ќе се рефлектира и во соработката на парламентарно ниво.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека економската соработка не ги следи добрите политички односи меѓу двете држави и оцени дека постои голем неискористен потенцијал за развој на економската соработка и зголемување на трговската размена.

Треба да знаете
Последни објави