Search

Кривична пријава против директор на државен ученички дом за злоупотреба на службена положба и фалсификување на документи

На 02.07.2024 СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Е.С.(57) од Битола, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување”, „несовесно работење во службата”, „фалсификување исправа” и „употреба на исправа со невистинита содржина”, сите од Кривичниот законик. Пријавената во својство на одговорно лице, директор на државен ученички дом во Битола ја злоупотребила својата службена положба и овластување и вршела несовесно работење во службата при што во повеќе наврати заедно со поранешниот секретар на домот ја напуштале државата со приватно возило, а во налозите за користење на службеното возило била евидентирана дека е на работа или на службено патување во државата, потоа реализирала повеќе службени патувања во странство со службеното возило заедно со лица кои не биле вработени во домот, без одлуки од Управен одбор за нивно одобрување. Пријавената, исто така,  на поранешниот секретар свесно и намерно не му го одобрила барањето за одмор, со образложение за неопходна потреба од негово присуство за извршување на работните обврски како секретар во домот, носејќи Решение за исплата на надомест за неискористени денови од одморот или вкупно 51 работен ден во износ од 103.989 денари, иако секретарот во тој временски период немал редовно присуство на работа, туку често бил отсутен и надвор од државата во работно време заедно со пријавената. Покрај ова, пријавената во четири наврати, и тоа на 20.07.2022, 15.09.2022, 05.10.2022 и од 20.10.2022 до 22.10.2022 година, иако знаела дека секретарот е веќе во пензија, му исплатила дневници за службени патувања во државата и му овозможила да користи службена претплата за мобилен телефон за периодот од јули 2022 до октомври 2023 година, додека за периодот од 01 до 30.11.2022 година му исплаќала пари по основ на договор за дело за вршење на општи и нормативно правни работи и договор за консултантски услуги, а покрај овие имала и други активни договори на дело, со што постапила спротивно на чл. 8 и чл. 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос. Со цел оправдување на сите горенаведени дејствија преземени од страна на пријавената, таа вршела изменување, дополнување и изготвување на фиктивни одлуки и записници. Исто така, таа како одговорно лице на ученичкиот дом во 2022 склучила Договор за дело за вршење на сметководствени услуги со правно лице од Битола во износ од 180.000 денари, без претходно спроведена постапка за јавна набавка и во 2023 година продолжила да исплаќа пари за извршените книговодствени услуги на истото правно лице, врз основа на непотпишан договор, кој бил само архивски заведен. Пријавената, ја злоупотребила својата службена положба така што одобрувала и исплаќала пари кон правно лице од Битола врз основа на фактури за набавка на компјутерска опрема и услуги кои реално не биле испорачани и извршени. Со наредба на пријавената, пак, до Министерството за образование и наука се испраќале невистинити списоци за ученици вселени во домот со цел префрлање на поголем износ на пари од ресорното министерство по основ на партиципација, со што го оштетила Буџетот на МОН за износ од 202.500 денари.

Треба да знаете
Последни објави