(Фото) Парада на гордоста во Скопје

Под мотото „Спектакуларно непослушни“ стотици граѓани денеска маршираа низ улиците на Скопје на петтата парада на гордоста, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Маршот започна од паркот „Жена-борец“ во 19 часот со говор на една мајка на трансродова личност. 

„Овде сме за да покажеме дека нема послушно да се повлечеме во четири ѕида и по петти пат храбро покажуваме дека припаѓаме во овој свет и по петти пат ги славиме нашите животи кои се вредни да ги живееме. Во целата еуфорија, од чувството да се биде слободен и автентичен во јавноста не можам а да не помислам на луѓето од нашата заедница кои не смееат да излезат и не можат да бидат тука за да бидат слободни. Додека се радувам кога ја гледам ќерка ми како го вее знамето на заедницата не можам а да не се сетам на сите тинејџери кои живеат во страв од своите родители или се соочуваат со отфрлање“, изјави мајката.

Со музика, знамиња и транспаренти  маршот продолжи кон „Рекорд“, па низ улиците на централното градско подрачје, и заврши кај Стадионот на АРМ, каде е најавена културно-забавна програма.

Учесниците на годинешниот марш велат дека се многу среќни бидејќи се чувствуваат слободни и сакани.

„Оваа ми е петта парада по ред. На овој ден се чувствувам потполно слободно, се чувствувам сакано и прифатено од луѓето што доаѓаат на парадата. Важно е да сум овде бидејќи сум трансродова личност и сметам дека е многу важно сите да се појават на оваа парада“, изјави  Лила Милиќ активистка за правата на трансродовите лица за Радио МОФ.

Треба да знаете
Последни објави