Search

Сенката на Груевски силно присутна во новата Влада на Мицкоски

Мандатарот за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски го стокми „првиот тим“ со кој ќе треба да ја води државата во наредните четири години.

Освен едно или две имиња, нема посериозни изненадувања во личностите што треба да ги водат соодветните ресори во Владата.

Тука, се разбира се најблиските соработници на Мицкоски, како сите потпретседатели на партијата, високи партиски функционери од Извршниот комитет, а има и претседатели на одредени партиски комисии.

Но колку и Мицкоски да најавуваше дека ова ќе биде влада во која ќе има многу нови лица, сепак на крајот не излезе баш така.

Она што е очигледно е дека во 15ината имиња кои ќе бидат идни министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најмалку половина се веќе добро познати лица, кои и пред седум осум години извршувале високи државни функции кога премиер беше претходникот на Мицкоски, Никола Груевски.

Меѓу нив секако е и самиот премиер, Мицкоски, кој беше генерален секретар на партијата а беше и генерален директор на ЕЛЕМ.

Министер за транспорт и врски ќе биде Александар Николоски човек кој речиси две децении е партиски функционер и пратеник во Собранието на државата.

Еден од потпретседателите на партијата кој ќе стане министер е и Владо Мисајловски, човек кој во годините на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски исто така извршуваше високи државни функции од државен секретар во министерство, преку директор на ЈП за државни патишта, па се до министер за транспорт и врски.

И Златко Перински некогашниот шеф на кабинет на Мицкоски и човек заради кој „пукна тиквата“ меѓу Мицкоски и Данела Арсовска, исто така во времето на владеење на Груевски имаше функција и со години беше директор на Спортскиот центар Борис Трајковски.

Понатаму, министерска функција ќе добие и Тимчо Муцунски, кој во годините на залезот на Никола Груевски, ја извршуваше функцијата заменик министер за информатичко општество и администрација.

Континуитет на Мицкоски со кадрите на Груевски има и во вицепремиерските позиции од коалициските партнери, Шабан Салиу и Иван Стоилковиќ кои со години преку функциите што ги извршуваа ги застапуваа и промовираа политиките на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Од сите министри од ВМРО-ДПМНЕ, единствено Гордана Димитриевска Кочовска, Борко Ристовски и Сања Божиновска, до сега не извршувале никаква државна функција.

Треба да знаете
Последни објави