Search

Решенијата за проблемите во АД Пошта се бараат со помирувач определен од МТСП

Синдикатот на Македонска пошта информира дека штрајкот што требаше да почне денеска нема да се одржи поради тоа што се прават обиди за наоѓање решение за проблемите преку преговори со помирувач определен од Министерството за труд и социјална политика. Првата средба веќе се одржала вчера и на неа биле разгледани барањата и определена динамиката на преговори во наредниот период. 

-Поради сериозноста на состојбите во која е доведено опстојувањето на АД Пошта на РСМ, зачувување на работните места на вработените и егзистенција на нивните семејства, Синдикалните организации на Македонска пошта по одржаниот протест започнаа постапка за штрајк. Согласно законските регулативи штрајкот беше најавен да почне денеска, но врз основа на Законот за мирно решавање на работни спорови, Министерството за труд и социјална политика определи помирувач во насока на мирно решавање на спорот, со тоа постапката за штрајк влегува во фаза на преговори со помирувач. Вчера синдикалните претставници одржаа средба со помирувачот, на која се разгледаа барањата на штрајкот како и динамиката на преговори во нареден период, се вели во денешното соопштение од Синдикатот на Македонска пошта.

Од Синдикатот појаснуваат дека помирувачот ги информирал дека нема добиено одговор од Владата и ресорното Министерство за транспорт и врски за одржување заедничка средба, со констатација дека преговорите во ваква ситуација не може да отпочнат поради фактот што нема во моментов министер кој раководи со Министерството, а заменикот-министер не одговорил на дописите испратени од страна на помирувачот.

-Од таа причина, а согласно состојбите во конкретниот момент каде нема избрано нова влада, помирувачот побара постапката за помирување да продолжи веднаш по назначување нова Влада и Министер за транспорт и врски, се вели во соопштението.

Со започнување на постапка за помирување, се додава во него, Синдикалните организации ја прифатиле препораката од помирувачот преговорите да се водат со новата влада и ресорно министрество, поради што штрајкот го стават во мирување се до конечно завшување на постапката за помирување.

Вработените на АД Пошта на 22 мај годинава во сите подружници во земјава одржаа протест барајќи исплата на платата за април и итно отпочнување на реформи за реорганизација и оптимизација во работењето, поради, како што нагласија, сериозноста на состојбите во која е доведено опстојувањето на копанијата, зачувувањето на работните места на вработените и егзистенцијата на нивните семејства. 

Треба да знаете
Последни објави