Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ја поништи одлуката за изградба на 12 габаритни згради во скопската населба Црниче, соопштија денеска од Општината.
-Ја стопиравме иницијативата за измена на ДУП реон Ј, градска четврт Ј20, блок Ј20.03, со која во времето на мојот претходник, се предвидуваше изградба на 12 згради!
Како што ветив и ги исполнив своите ветувања за Расадник, како што ја донесовме и целосно ја спроведуваме одлуката за забрана за изградба на станбени објекти со повеќе од 4 станбени единици во Пржино и Црниче, од денес е во сила и оваа одлука и наместо гигантски зданија, на посочената локација во Црниче, на сопственикот ќе му биде дозволена само реконструкција на објектот, старата печатница и тоа во постоечкиот габарит.
Воедно, сакам да инфомирам дека скалите кои со измената на ДУП-от требаше да бидат отстранети, ќе останат и ќе бидат надополнети со пропратна урбана опрема, онака како што бараа нашите жители.
Одговорно тврдам дека нови одобренија за изградба на згради во Пржино и Црниче нема да има, како што е зацртано во мојата одлука, која што е поддржана и од страна на Советот на општината, а и од сите жители од овој дел на градот.
Во Пржино и Црниче ќе можат да се градат само куќи, кои што можат да имаат максимум 4 станбени единици!
Времето во кое што под маската на А1 – куќи се градеа габаритни згради е завршено!
Ова е ново време во кое живее општина Кисела Вода.
Нема да дозволам поради лични интереси на поединци мојот народ во Црниче и Пржино да се гуши и тие прекрасни населби под срцето на Скопје, Водно, да се бетонизираат.
Испишуваме нова приказна, заедно и според вашите потреби, вели Орце Ѓорѓиевски во соопштението на Кисела Вода.