Search

Орбан: Брисел планира влез на Европа во војна

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека во Брисел се во тек подготовки за работни групи за тоа како НАТО би можел да учествува во руско-украинската војна. Има некои алармантни сличности меѓу сега и периодот кога се подготвуваа за Првата и Втората светска војна, изјави Орбан за јавниот сервис Кошут радио.

„Она што се случува денес во Брисел и Вашингтон, или во моментов повеќе во Брисел отколку во Вашингтон, создава расположение за можен воен конфликт, што би можеле да го опишеме како подготовка за влез на Европа во војната“, рече тој.

За состојбата на Унгарија во тој контекст, Орбан рече дека Унгарија како членка на НАТО има претставници во тие групи, „но ние не сакаме да учествуваме во конфликтот, ниту со финансиски придонес, ниту со испраќање оружје, дури ни во НАТО. “

„Во историјата на НАТО, никогаш немало ситуација кога една земја-членка би се придржувала толку отворено и јасно до основниот принцип на НАТО како што тоа го прави Унгарија сега“, изјави Орбан за јавното радио, додавајќи дека Унгарија затоа мора „да ја редефинира својата позиција во воениот сојуз“.

Тој додаде дека стравувањата дека Русија ќе нападне членка на НАТО се неосновани, додавајќи дека војната во Украина, која трае веќе три години, ги покажала границите на руските можности.

„Руската армија води сериозна и тешка војна со Украинците. Ако Русите беа доволно силни да ги победат Украинците со еден потег, тие веќе ќе го направеа тоа“, рече Орбан во интервју за јавното радио.

Орбан рече дека воените капацитети на НАТО далеку ги надминуваат оние на Украина, па затоа е малку веројатно Русија или која било друга земја да го нападне НАТО. „Не сметам дека е логично Русија, која не може ниту да ја победи Украина, одеднаш да дојде и да го проголта целиот западен свет. Шансите за тоа се исклучително мали“, рече Орбан.

Орбан рече дека го смета споменувањето на руската закана како увертира за подлабоко вмешаност на Западот во украинската војна. Унгарија, членка на Европската унија и НАТО, одбива да и обезбеди воена помош на Украина во одбрана од руската инвазија која започна во февруари 2022 година.

„Ние Унгарците веруваме дека овие претстојни избори ќе бидат за војна и мир, а секако и за миграцијата и заштитата на традиционалните семејства, но прашањето за војната сега е пред сите други важни прашања“, рече Орбан.

Односите меѓу Будимпешта и Вашингтон станаа затегнати поради доцнењето на Унгарија со ратификувањето на приемот на Шведска во НАТО, како и блиските врски на Орбан со Москва и покрај војната во Украина.

Треба да знаете
Последни објави