Search

„Букинг“ под истрага: „Нудат за изнајмување викендици изградени на земјиште украдено од Палестинци“

Холандската непрофитна организација SOMO соопшти дека поднела жалба до државниот обвинител во ноември, заедно со три други групи за човекови права, но дека тоа не било претходно објавено. Во поднесокот, групите ја обвинуваат платформата Booking.com за „профитирање од воените злосторства преку олеснување на изнајмувањето на викендички на земјиште украдено од домородното палестинско население“.

Booking.com соопшти дека не се согласува со наводите и дека нема закони со кои се забранува рекламирање сместувачки капацитети во израелските населби, и додаваат дека низа американски закони би забраниле повлекување на инвестициите во регионот. „Преземени се правни чекори против други компании кои се обидоа да ги повлечат своите активности, а ние би очекувале истото да се случи и во нашиот случај“, рече портпаролот на компанијата.

SOMO рече дека нејзиното истражување покажало дека платформата Booking.com понудила до 70 имоти во Источен Ерусалим и окупираниот Западен Брег помеѓу 2021 и 2023 година. Организацијата тврди дека парите добиени од изнајмувањето на овие имоти се „приход од криминални активности“ и дека со регистрирањето на овие приходи во Холандија, компанијата ги прекршува тамошните закони за спречување на перење пари.

Населбите изградени на земјиштето окупирано од Израел во војната на Блискиот Исток во 1967 година се сметаат за нелегални од повеќето земји, вклучително и Холандија. Нивното присуство е една од основните тешкотии на израелско-палестинскиот конфликт.

Палестинците сакаат да основаат независна држава на Западниот Брег и Појасот Газа со главен град источен Ерусалим. Израелските колонисти, пак, се осврнуваат на историската поврзаност на Евреите со таа област.

Треба да знаете
Последни објави