Две лица со конго-кримска хеморагична треска хоспитализирани на Инфективна клиника

Два случаја на конго-кримска хеморагична треска, а две деца со заразни заушки се регистрирани во април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Случаите на конго-кримска хеморагична треска се регистрирани кон крајот на април.

– Станува збор за лица од рурални средини кои имале контакт со домашни животни со крлежи. Каснување од крлеж е пријавено само кај првиот случај. Првиот случај е од село Градец, Крива Паланка. Почетокот на симптомите биле на 22 април – замор, повраќање, дијареја, крварење од носот и е хоспитализиран на Инфективната клиника на 26 април. Вториот случај е од село Арачиново, Скопје. Симптомите започнале на 24 април – треска 39C, замор, болки во мускулите, повраќање, дијареја и е хоспитализиран на Инфективна клиника на 30 април. Следењето на контактите за двата случаја е во тек. Случаите се потврдени во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ со откриени IgM антитела со ELISA и RNA со RT-PCR, се наведува во извештајот.

Пријавени се и два случаја на заразни заушки. Еден припаѓа во возрасната група од пет до девет години, комплетно вакциниран согласно Календарот за имунизација. Другиот случај е невакцинирано дете на двегодишна возраст. Случаите се клинички потврдени, потенцираат од Институтот.

– Во текот на април, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 845 пријавени лица. Во однос на претходниот месец март, се регистрира зголемување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 2,4 отсто, додека во однос на месец април 2023, се регистрира намалување за 12,6 проценти, наведуваат од ИЈЗ.

Треба да знаете
Последни објави