Дали милијардата на Мицкоски, ќе ја чини државата повеќе отколку милијардата на Циле?

Апсолутниот победник на двојните избори, Христијан Мицкоски уште неседнат во премиерската фотелја што го чека го даде и првото ветување. 

Но тоа не се однесува ниту на нови работни места, ниту на крупен инфраструктурен проект, а најмалку на откочување на процесот на евроинтеграции и носењето на уставните измени. 

Мицкоски најавува фантастични финансиски средства од една милијарда евра, но во форма на заем, од како што кажа тој влада на пријателска држава со исклучително поволни услови. 

Фактот што Мицкоски не кажа повеќе детали отвори бројни прашања, но и сомнежи за најавената позајмица. 

Која држава е подготвена да даде една милијарда евра на друга држава по поволни каматни стапки без при тоа да нема дополнителни интереси, покрај економските. 

Фактот пак, што не се уште не се знае која е таа држава и почнуваа нагаѓања (дали е Унгарија, Турција, Кина, а можеби некоја држава од Арапскиот свет) отвора и дилеми за геополитичкото позиционирање на државата. 

Такви дилеми има и универзитетската професорка Ана Чупеска, која смета дека зад овој заем се кријат доста опасности.

„Има повеќе работи спорни во заемот од една милијарда евра. Прво, од која позиција преговарал Мицкоски, а она што е уште поважно е која е цената на тој финансиски пакет? Знаеме дека никој не дава бесплатен ручек, па веројатно има и некоја противуслуга за тоа и прашањето тука е која е политичката цена што треба да се даде за таа една милијарда. Колку таа една милијарда евра кореспондира со финансискиот пакет од ЕУ? Следно, во зависност од кој извор се тие една милијарда евра како ќе се рефлектира на нашите позиции во НАТО. Не е исто дали пари ќе ти дадат ММФ и ЕУ или некој трет субјект, затоа што тој трет субјект, веројатно очекува и неккави политички услуги. Се сеќавате дека имаше цена и милијардата на Тупурковски. По неколку линии таа помош е контроверзна, ќе видиме од кого е по која цена и со која цел“ рече Чупеска во интервју за Слободен печат. 

Милијардата на Циле воопшто не дојде, а државата плати превисока цена

Веќе во политичките општествени анали е запишано ветувањето на тогашниот лидер на партијата Демократска Алтернатива, Васил Тупурковски – Циле за една милијарда долари кон крајот на минатиот век. 

Таа милијарда долари требаше да се случи откако Македонија го призна Тајван што доведе до сериозно нарушување на односите Македонија и Кина а тогаш азиската а сега светска велесила Кина, во ООН стави крај на тогашната мировна мисија УНПРЕДЕП на нашара северна граница. 

Кратко потоа следуваше конфликтот од 2001 а милијардата од Тајван се претвори во „тајванки кредити“ за чија рапсределба пред законот одговараше токму Тупурковски. 

Денес, 25 години подоцна, Мицкоски во стилот на Тупурковски најавува една милијарда евра (околу една петтина од буџетот на државата) пари со кои ќе покачува пензии, ќе гради патишта и енергетски капацитети, ќе ги помага општините. 

Дали таа милијарда ќе се реализира и кој ќе биде великодушната држава што ќе додели толкав износ на средства, јавноста сепак ќе почека Мицкоски да седне на Илинденска број 2. 

Тогаш, ќе дознаеме и дали покрај економската, државата ќе плати и политичка цена и колку сето тоа ќе ја чини Македонија. 

Треба да знаете
Последни објави