Search

„Тиквеш“: Продолжува интензивната соработка со лозарите која гарантира висок квалитет и напредок на лозарството и винската индустрија

Преку интензивна континуирана комуникација и соработка, како и реализација на низа конкретни активности, винарската визба „Тиквеш“ продолжува да го унапредува и зајакнува стратешко партнерство со лозарите, со крајна цел  – натамошно подигнување на квалитетот на грозјето и виното, како и унапредување на целокупното лозарство во земјата.

Во рамки на веќе воспоставената платформа за стратешката соработка со лозарите, денеска во „Тиквеш“ се одржа нова средба на која присуствуваа над 150 производители на грозје од тиквешкиот регион.

На овој настан беа презентирани најновите стандарди и техники кои се применуваат во современиот концепт на прецизно лозарство, а кои произлегуваат од податоците што се добиваат од веќе воспоставениот систем за мониторинг и дигитализација во лозарството на „Тиквеш“ и „М6 Аграр“, вклучувајќи и употреба на технологија на вештачка интелигенција (AI), како и од други релевантни меѓународни истражувања.  

„Вие лозарите ни требате нам на производителите на вино, но истовремено ние ви требаме вам. Во нас имате искрени партнери кои се подготвени за соработка и со вас ние ги споделуваме сите информации и знаење околу тоа како да се произведе што подобро грозје, а со тоа и подобро вино што ќе се продаде подобро и ќе донесе добивка за двете страни. Нашата заедничка цел е да бидеме што е можно подобар вински регион во светот. Тоа е единствениот пат по кој треба да се движиме“, порача пред лозарите претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш” Светозар Јаневски.

Инаку, на оваа средба лозарите се запознаа со најновите техники за формирање и одржување на лозови насади и управување со т.н. зелена резидба, понатаму со правилната и навремената заштита на лозовите насади од болести и штетници, како и со правилното и прецизно одредување на потребна количина на вода и други практични детали кои се особено важни во процесот на наводнување на насадите. 

За сите овие аспекти говореа реномираните меѓународни експерти од оваа проблематика, агрономите Матео Франдоли (Matteo Frandoli) и Карлос Лухан (Carlos Lujan), од консултантската компанија Перлеуве од Италија, како и раководителката на одделот за управување со лозови насади во „Тиквеш“, Александра Ристова. Во оваа прилика таа нагласи: „Ваквите техники и практики кои се темелат на наука, меѓународни стандарди и податоци кои се добиваат од прецизни мерења, ќе овозможат поквалитетно грозје, што е еден од основните предуслови за производство на вино со премиум квалитет по кој се познати и препознаени нашите вина и кој го бараат потрошувачите на домашниот и на високо конкурентните пазари во странство. Истовремено, како водечка винарница во земјата и пошироко, со имплементацијата на современите агрономски техники и практики, даваме придонес и за одржливиот развој на целокупното лозарство во нашата земја, што веруваме дека ќе донесе долгорочни придобивки за сите и ќе го поттикне развојот на целата домашна винска индустрија“.

Покрај едукацијата и стручните совети за постапките во процесот на одгледување и заштита на лозјата, што се одвива во текот  на целата година, платформата за стратешката соработка со лозарите на „Тиквеш“ вклучува и други активности, како што се обезбедување заштитни средства со пониски цени, бесплатни анализи на почвата на лозовите насади и долгорочни договори за откуп со стимулативни цени за оние производители кои ги применуваат стандардите и критериумите кои обезбедуваат одгледување грозје со висок квалитет.

Треба да знаете
Последни објави