Search

ЦУК: Два пожара на отворено, најавено минирање кај Бањица

Во последното деноноќие имало два пожара на отворено. Гореле и биле изгаснати две диви депонии, една во градот Дебар и една дива депонија покрај патот за село Фалише, во Општина Тетово.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во двата случаја било интервенирано со по едно противпожарно возило и двајца пожарникара.

Во последното деноноќие имало вкупно 1 659 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК. Од нив „реални“ биле 55,70 отсто, а 44,30 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 59, 92 отсто, кон итната медицинска помош 38,91 отсто, а кон пожарникарите 0,78 отсто од реалните повици кон 112.

Од ЦУК посочуваат дека има најавено минирање на локалитетот село Бањица, Коридор 8 и 10, патниот правец Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан.

– Граѓаните да не се вознемируваат ако слушнат детонации во тој реон, се вели во соопштението.

Според метеоролозите, денеска при крајот на денот и вечерта, а в среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.

Од ЦУК препорачуваат во случај на појава на електрични празнења поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. Сите итни случаи да се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

Треба да знаете
Последни објави