Search

Вообичаена навика поврзана со 740.000 случаи на рак годишно, предупредуваат онколозите

Сите понекогаш сакаме да се опуштиме со чаша од нашиот омилен алкохолен пијалок. Меѓутоа, ако тоа стане навика, лекарите имаат лоши вести бидејќи пиењето алкохол е поврзано со неколку различни видови на рак. Тие исто така откриле дека консумирањето алкохол е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања.

„Студиите покажуваат дека повеќето Американци не се свесни за поврзаноста помеѓу консумирањето алкохол и ракот. Јасно е дека е потребно дополнително образование“, вели онкологот Џејми Л. Копривникар.

Студијата од 2020 година покажа дека алкохолот е поврзан со 4 проценти од сите нови дијагнози на рак во светот. Тоа можеби не звучи како многу, но всушност се работи за околу 740.000 случаи.

Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) долго време советуваат дека пиењето алкохол го зголемува ризикот од рак на устата и грлото, рак на гркланот, рак на хранопроводникот и рак на дебелото црево, и дека пиењето три или повеќе алкохолни пијалоци дневно е поврзано со зголемен ризик од рак на желудникот и панкреасот.

„Иако консумирањето алкохол е чест општествен феномен, тој ја зголемува изложеноста на канцерогени супстанци поврзани со ракот на дојката“, посочува радиологот Др. Том Омофоје. Дополнително, тој додава дека досегашните истражувања не утврдиле ниту еден вид алкохол да е побезбеден од другите.

Според ЦДЦ, ризикот од рак во суштина доаѓа од начинот на кој телата на луѓето го обработуваат алкохолот, разградувајќи го во хемикалија наречена ацеталдехид, која може непоправливо да ја оштети ДНК. Бидејќи го контролира растот на клетките, оштетувањето на ДНК може да предизвика абнормален раст на клетките, што резултира со тумори.

Освен тоа, ако мислевме дека повремената чаша вино со вечерата е здрава, имајќи предвид дека постојат студии кои тврдат дека антиоксидансите во виното се здрави, лекарите имаат лоши вести и на тој план.

„Претходните студии беа погрешни, а поновите истражувања открија дека нема кардиоваскуларни придобивки поврзани со алкохолот. Само еден алкохолен пијалок дневно може да го зголеми ризикот кај поединецот за состојби како што се висок крвен притисок и неправилен срцев ритам“, заклучува др. Копривникар.

Треба да знаете
Последни објави