Search

Нулта толеранција за нерегуларности: Сеопфатен изборен мониторинг на ЦИВИЛ 

ЦИВИЛ ќе спроведе мониторинг на Претседателските избори на 24 април со 51 акредитиран набљудувач. Сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни, односно посетуваат поголем број избирачки места, но спроведуваат мониторинг на поширокиот регион во кој се распоредени. 

Денеска, организацијата беше домаќин на прес-конференција на која беа презентирани клучните наоди, како и детали за мониторинг операцијата. ЦИВИЛ објави и неколку препораки и апели врз основа на согледувањата од досегашниот мониторинг.

Обезбедување на изборниот молк: Мониторинг на ЦИВИЛ

Изборната кампања за претседателските избори завршува на 22 април, денеска, на полноќ, со што започнува изборниот молк кој завршува на 24 април, среда, во 19 часот, со затворање на сите избирачки места.

ЦИВИЛ ќе го следи спроведувањето на изборниот молк и навремено ќе ја известува јавноста за евентуалното кршење на Изборниот законик во контекст на обврската за молкот. 

Во секој случај, треба да се нагласи дека ќе биде тешко да се одвојат кампањите една од друга. Политичките ентитети кои решиле да ја заобиколат обврската за изборен молк, тоа ќе можат да го направат релативно лесно. 

Од искуство со мониторингот на поранешните изборни процеси, може да се каже дека изгледа како изборниот молк како да не постои. 

Сепак, не треба да се отфрли можноста дека јавноста оваа година ќе биде пријатно изненадена. 

Отворено и директно за говорот на омраза и дезинформациите во изборните кампањи

ЦИВИЛ констатира дека политичката кампања во изборен контекст е започната уште кон средината на 2023 година. Една од главните одлики на политичката кампања во изминатиот период се дезинформациите, говорот на омраза и антизападните наративи, кои дел од политичките ентитети во земјата ги користат како главно пропагандно орудие за постигнување предност пред политичките ривали. 

Мониторингот на ЦИВИЛ секојдневно бележи најмалку по сто случаи на говор на омраза на социјалните мрежи кои се насочени против кандидатите за претседател / претседателка, како и кон нивните симпатизери. 

Важно е да се истакне дека политичката сцена во земјата е целосно зафатена со националистичка пропаганда. Во тој контекст, се бележи голем број случаи на говор на омраза по етничка основа, а често и изрази и пораки кои спаѓаат во кривично дело – ширење етничка, верска и расна омраза. 

И во медиумите, како и во јавните настапи на политичките ентитети, се бележи тон на остра дискредитација против политичките противници, а неретко и националистички пораки и наративи. 

Националистичките наративи не секогаш се отворени и директни, туку се затскриени зад обвинувања кои навидум се политички и се упатени кон поединци или политички партии, но контекстот е националистички. Само еден од тие примери е заложбата за „македонска Македонија“. 

Трол фабрики во изборниот процес: Справување со притисокот врз новинарите, граѓанското општество и јавните личности

Од анализата на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ може да се заклучи дека постојат повеќе трол фабрики кои ревносно коментираат на социјалните мрежи во ист или сличен стил, во исто време од различни профили на социјалните мрежи. Се забележува дека интернет троловите не ги читаат текстовите, односно не ги гледаат видео пораките што се споделуваат на социјалните мрежи, туку автоматски коментираат користејќи неколку клучни зборови, како што се: предавници, платеници, слуги на Западот итн. 

Оваа ситуација може да се забележи и на профилите на ЦИВИЛ, каде што се архивираат во просек по 25 коментари дневно, а кои содржат говор на омраза, а често и отворени закани по животот на поединци од оваа организација. 

Без оглед на тоа што повеќепати се пријавени заканите во МВР, одделението за сајбер криминал, нема видлива реакција. 

Освен кон политичките ентитети, ЦИВИЛ регистрира говор на омраза и закани насочени и кон интелектуалци, новинари и активисти. Денеска бележиме директна закана по безбедноста и на една новинарка која напиша текст на тема од светот, неповрзана со нашата земја. 

Овој притисок кон новинарите, граѓанските организации и јавните интелектуалци мора да престане. ЦИВИЛ бара од одговорните институции да преземат законски чекори да го сопрат овој дискурс во јавната комуникација и има потенцијал сериозно да ги загрози демократските процеси, а воедно и да го загрози животот на луѓето во професиите што помагаат во развојот на демократските стандарди, особено во време на избори. 

Спротивставување на странското малигно влијание: Наоди на ЦИВИЛ за наративите на руската пропаганда

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи и пропагандни наративи за кои може лесно да се утврди дека се пласираат од странски центри за малигно влијание, во прв ред, Москва, но и неколку прокси центри и канали за ширење на руската пропаганда во регионот. 

На домашен план, се бележи дека голем дел од македонските медиуми со леснотија и без трошка критичност ги пренесуваат овие наративи кои може да имаат сериозно влијание врз изборниот процес. 

Во ширењето, односно застапувањето на руските наративи се бележат неколку политички ентитети, некои прикриено, а некои сосема отворено, а во оваа кампања се вклучуваат и дел од граѓанските организации. Во последно време се бележи и тенденцијата да се негира било какво постоење на руска пропаганда во земјата, што е дел од кампањата. 

Методологија на набљудување: Категории на изборни нерегуларности

Набљудувачите на ЦИВИЛ ќе известуваат за потенцијални нерегуларности на денот на гласањето во 13 категории, меѓу кои се и категориите: 

  • Насилство, закани, притисоци, говор на омраза / Dhunë, kërcënime, presione, gjuhë e urrejtjes 
  • Корупција, купување гласови / Korrupsion, blerje e votave
  • Лажни вести и медиумски манипулации | Lajme të rrejshme dhe manipulimet në media
  • Злоупотреба на службената положба и јавните ресурси | Keqpërdorim i pozitës zyrtare dhe resurseve publike
  • Злоупотреба на полицијата / Keqpërdorimi policisë
  • Злоупотреба на деца и малолетници во политичка кампања | Keqpërdorim i fëmijëve dhe të miturve në fushatë politike

Моќта на гласачите: Иницијатива „Ти одлучуваш. Гласај!“

„Ти одлучуваш. Гласај!“ е називот на иницијативата на ЦИВИЛ за промоција на правото на глас и граѓанското учество во демократските процеси. Со неа, ЦИВИЛ јасно дава до знаење дека граѓанките и граѓаните имаат фундаментално и неотуѓиво право да гласаат слободно и по сопствена волја. Стотици илјади луѓе во земјата ги видоа пораките на интелектуалци, уметници и јавни личности. 

Воедно, ЦИВИЛ ја лансира веб страницата vote.civil.org.mk. На оваа веб страница се објавени сите неопходни информации што се потребни за навигација на граѓанките и граѓаните низ изборниот процес. Исто така, на веб страницата има и една, за нашето поднебје, нова алатка, наречена План за гласање, за да им помогне на гласачите да одвојат малку од своето време и да учествуваат во овој исклучително важен демократски процес. 

ЦИВИЛ е посветен на соработката со граѓанките и граѓаните во известувањето на јавноста

ЦИВИЛ им благодари на сите граѓанки и граѓани за огромната доверба и поддршката во овој период. Соработката и пораките се интензивни и редовни, изобилуваат со изрази на поддршка, но и со информации од теренот. Со оглед на малиот број набљудувачи кои се вклучени во мониторингот, оваа помош е повеќе од драгоцена. 

Со цел да се олесни комуникацијата и процесот на пријавување на потенцијални изборни нерегуларности, ЦИВИЛ денеска ќе го стави на располагање и онлајн формуларот на веб страницата slobodniizbori.info / zgjedhjetelira.info

Комуникација на ЦИВИЛ со јавноста на денот на изборите: Обезбедување транспарентност и јавен ангажман 

На денот на гласањето, 24 април, Прес центарот на ЦИВИЛ ќе почне со работа во 6:30 часот наутро и ќе биде отворен најмалку 18 часа. Ќе има четири прес конференции, но и повеќе вонредни јавувања во живо, а секако ќе бидеме отворени за медиумите во секое време во текот денот и неколку часа по затворањето на избирачките места. 

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да ги пријават сите случаи на заплашување, дезинформации и манипулации, односно било каков обид да бидат спречени да го исполнат своето основно човеково право – правото на глас. 

ЦИВИЛ го негува принципот на НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА за изборните нерегуларности. Изборите се за граѓанките и граѓаните, не за политичките партии или кандидатите. Сите заедно му служиме на јавниот интерес, а не на центрите на моќта. 

Ви посакуваме мирни, демократски, слободни и фер избори.

ЦИВИЛ Мониторинг тим

Треба да знаете
Последни објави