Search

Учесниците на самитот во Словенија го поддржаа проширувањето на Европската унија

Проширувањето на Европската унија е нејзин стратешки но и безбедносен интерес, се договорија во понеделник учесниците на самитот во Брдо кај Крање по повод 20-годишнината од членството на Словенија во Европската унија.

„Проширувањето е важно…Проширувањето значи голема трансформациска моќ. Ние сме претседатели на земји кои го поддржуваат влезот на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и Молдавија и Грузија“, изјави словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.

„Словенија ќе продолжи да им помага на тие земји“, додаде Пирц Мусар на средбата на претседателите на соседните земји на Словенија во Брдо кај Крање.

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен потсети на усвојувањето на „историските одлуки за почеток на преговорите со Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија“.

„Австрија ги поддржува овие одлуки. Ние имаме свој јасен стратешки интерес, а тоа е натамошното проширување на Европската унија. Пред се мислам на земјите од Западен Балкан, тие се наши соседи. Тоа е и наш безбедносен интерес дека тие влегуваат во Унијата, мислам дека сме на вистинскиот пат“, рече австрискиот претседател.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека „не е се во исполнувањето на критериумите“, но „за жал има многу и премногу во политиката“, поради што земјите како Албанија, Северна Македонија и Црна Гора „не отворија ниту едно поглавје“.

„Тука е и Србија, која дефинитивно мора да одлучи каде припаѓа политички, вредносно и структурно. Сепак, сите овие земји заедно имаат номинален БДП помал од Хрватска и Словенија заедно. Значи, во економска смисла, тоа е мал предизвик и мала главоболка за некој што би сакал да најде решение, но не можеме да ја обвиниме Кина или Русија за тоа“, рече Милановиќ.

Милановиќ рече дека Унијата мора да најде „некаков рационален начин да се задоволи со нешто што е добро за сите нас, да се обиде да ги внесе во нашето општество оние што ни се блиски, имено земјите од Западен Балкан и оние кои не се таму, тоа е веќе нешто што, се плашам, ги надминува нашите можности бидејќи ЕУ не се Соединетите Американски Држави, тоа не е Пекинг“.

Серџо Матарела, претседателот на Италија, потсети дека Словенија стана членка на Европската унија заедно со уште девет земји во 2004 година.

„Ако сакаме да продолжиме да градиме мир, треба да го завршиме европскиот проект. Денес тој е поважен од кога било. Особено кога зборуваме за земјите од Западен Балкан, кои чекаат влез 20 години. Се разбира, не ги забораваме Украина, Молдавија и Грузија“, рече Матарела, додавајќи дека е среќен што словенечкиот претседател „се залага за целосно спроведување на Шенген“.

Унгарскиот претседател Тамаш Суљоко исто така рече дека неговата земја е посветена на проширување на Унијата и дека сака „да овозможи што е можно повеќе пристапни преговори, што е можно поскоро“.

Треба да знаете
Последни објави