Search

Грчката и турската делегација денеска ќе одржат средба во Атина за мерките за градење доверба

Нова средба за мерките за градење доверба меѓу Грција и Турција ќе се одржи денеска во Министерството за одбрана на Грција, а претходниот круг разговори беше пред пет месеци во Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за одбрана на Грција, грчката делегација ја предводи амбасадорот Теохарис Лалакос, шеф на турската делегација е заменик-министерот за надворешни работи Бурак Акчапар, а на состанокот ќе учествуваат и високи претставници на вооружените сили на двете земји.

Претходната средба на грчката и турската делегација за мерките за градење доверба меѓу двете земји се одржа на 13 ноември во Анкара. 

Во петок, според најавите, во Истанбул се очекува да се одржи средба на делегациите од Грција и Турција за економската соработка, односно за т.н. позитивна агенда, додека пак на 13 мај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ја посети Анкара каде што ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Треба да знаете
Последни објави