Search

Косово ги информира амбасадите од КВИНТ за блокирањето на свои граѓани на српските гранични премини

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека ги известило амбасадите на земјите од групата КВИНТ (САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција) и институциите на Европската унија и други, за блокирањето на стотици Косовците на граничните премини на Србија со други земји, јави дописникот на МИА од Приштина. Како што се наведува во соопштението на МНР, граѓаните биле запрени освен на преминот со Хрватска, исто така и на српско-унгарските гранични премини, па и во Бела Земја на косовско-српската граница. – Граѓаните на Косово кои патувале во правец на Косово се запрени и на границата со Унгарија, на граничните премини во Шид и Суботица и на граничниот премин Бела Земја и не им е дозволено да се движат ниту напред ниту назад. Освен тоа, одземени се сите лични документи на патниците како и на автобусите. Исто така, дел од патниците се приведени и се уште се на распит. По арбитрарните дејствија на Србија, нашите институции, Министерството за надворешни работи и дијаспората ги известија државите од КВИНТ, институциите на ЕУ и другите меѓународни институции за оваа состојба и очекуваме таа наскоро да заврши, се вели во соопштението. МНР го повтори апелот до граѓаните на Косово да не минуваат низ Србија, бидејќи акцијата на Србија ја оцени како одмаздничка по неуспехот на напорите против гласањето во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово. – Оваа одмаздничка акција, која пред неколку дена ја најави самиот претседател на Србија, (Александар) Вучиќ, која доаѓа по неуспехот на пропагандата против членството на Република Косово во Советот на Европа, мора итно да го добие заслужениот одговор од меѓународната заедница, се наведува во соопштението. Преку претходно соопштение претпладнево, МНР блокирањето на Косовците во неутралната зона меѓу Србија и Хрватска го оцени како арбитрарно. – Министерството за надворешни работи и дијаспора и Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека по настанатата состојба на граничните премини во Србија и арбитрарното запирање на државјани на Косово на граничните премини, сите сонародници и граѓани кои се во движење да избегнуваат по секоја цена да минуваат низ Србија. МНР и МВР ги преземаат потребните активности и ќе информираат за нови детали. Се молат сите патници внимателно да ја следат напнатата безбедносна ситуација и да не патуваат низ Србија, се вели во соопштението. На стотици Косовците од полноќ им се земени документите и се блокирани на преминот „Батровци“, Србија – Хрватска. Фатмир Хаџоли од Канцеларијата за врски на Косово во Србија изјави дека тоа се прави во знак на одмазда за гласањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое го отвори патот за членство на Косово во таа организација.

Треба да знаете
Последни објави