Search

Полјански: Осиромашениот ураниум ќе прогонува 60 идни генерации на Балканот

Заменик постојаниот претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански изјави дека фактот што Советот за безбедност на ОН не ја стави на дневен ред годишнината од НАТО бомбардирањето на СРЈ во 1999 година повторно претставува удар за угледот на ОН. Полјански изјави дека му е драго што има повеќе гласови на оние кои сметаат дека седницата треба да се одржи бидејќи, како што вели, тоа значи дека се слушнати аргументите на Русија. -Франција, САД и Велика Британија прават се за да не разговараме за нелегалната НАТО агресија врз Југославија, изјави вчера Полјански на седницата на Советот за безбедност на ОН, и посочи дека тоа нема да ги избрише последиците од „деструктивните акции“ на НАТО на територијата на СРЈ во 1999 година. -Илјадници мртви и ранети, труење на почвата со осиромашен ураниум и експоненцијално зголемување на заболените од рак, што според експертите ќе прогонува 60 идни генерации на Балканот – рече Полјански. Рускиот дипломат потсети на изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден во 1998 година, кога рече дека предложил САД да го бомбардираат Белград и да ги урнат сите мостови на Дрина. Тој додаде дека светот оваа недела виде колку се плашат членовите на Советот за безбедност на ОН, кои учествуваа во бомбардирањето на СРЈ, да разговараат за нелегална агресија врз суверени земји. -После Југославија, имавте Ирак, Либија, Авганистан, оставајќи трага на смрт и уништување насекаде. И досега успеавте да избегнете да разговарате за тоа, рече Полјански. Заменик постојаниот претставник на Кина во ОН Генг Шуанг истакна дека резултатот од гласањето на членовите на Советот за безбедност е разочарувачки. -Кина ја поддржува седницата на Советот за безбедност на ОН за бомбардирањето на СРЈ. Меѓународниот мир и стабилност се големи предизвици. Различни членки имаат различни ставови, но најмалку што можеме да направиме е да ја одржиме соработката меѓу членките за процедурални прашања, рече Генг. На вчерашната седница на Советот за безбедност на ОН, девет членки беа воздржани – САД, Велика Британија, Франција, Еквадор, Јапонија, Малта, Јужна Кореја, Словенија и Швајцарија, додека шест гласаа за да се расправа за годишнината од бомбардирањето на СРЈ – Русија , Кина, Алжир, Гвајана, Сиера Леоне и Мозамбик. За да се стави тема на дневен ред на седницата потребни се девет гласа. На седницата во понеделникот, 25 март, 13 земји беа воздржани, а дебатата ја поддржаа три членки на Советот за безбедност на ОН – Русија, Кина и Алжир.

Треба да знаете
Последни објави