Search

Работилницата за репарација „Прогрес“ Гостивар претставена во Хрватска како позитивен пример

На семинар за одржливост за политички активни жени, што се одржа во Ријека, Хрватска беше претставено функционирањето на првата градска работилница за репарација „Прогрес“ во Гостивар, која е и првата од таков тип во Македонија, но и во земјите во регионот.

Ема Нешковска, координатор на тимот на младите социјалдемократи од Гостивар, кои во септември минатата година со поддршка на фондацијата Фридрих Еберт Штифтун Скопје, ја отворија работилницата, пред присутните имаше можност да ја образложи улогата на работилницата, нејзиното значење и придонес. Таа се осврна и на идејата за работилницата, која потекнува токму од „Риперај” во Ријека, кога пред нешто повеќе од година и половина, Нешковска како дел од тим од Македонија, остварила студиска посета преку фондацијата на ФЕС Скопје.

„Од се‘ она што тогаш го видовме во Хрватска, а видовме навистина многу, особено во нивната развиеност околу енергетската независност, управувањето со отпадот и високото ниво на еко свест, мене особено ми остави впечаток оваа работилница, како еден иновативен и уникатен начин за справување со отпадот од една страна, но и заштедата на парите на граѓаните од друга страна. Си помислив, дека мора да најдеме начин ваков тип на работилница да отвориме дома”, вели координаторката.

Работилницата „Прогрес” во Гостивар се реализираше како проект на ЛК СДММ Гостивар, со поддршка на СДММ и Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, со претходно воспоставена соработка со општината, хрватскиот модел е поставен на поинаков начин, односно работилницата е под капата на ЈП “Чисточа”. Она што е заедничко за двете работилници е концептот на работа и причината поради која што се отворени, а тоа е намалување на нивото на отпад и поправка на старите и расипани предмети бесплатно.

“Во работилницата во Гостивар, старите и расипани предмети се поправаат бесплатно. Со нивното поправање, се влијае кон намалување на нивото на отпад и со тоа придонесуваме кон почиста животна средина. Како проектен тим, задоволни сме од досегашната посетеност, а граѓаните доаѓаат со најразлични расипани апарати за домаќинство, кои најчесто можат да се поправат. ” појасни Нешковска.

Таа зборуваше и за мисијата на работилницата, така што, објасни дека доколку сопствениците сакаат да ги подарат поправените предмети, истите се подаруваат на социјално загозени семејства.

Во работилницата која е сместена во просториите на ОСТУ Гостивар до сега се реализирале неколку основни обуки, најчесто наменети за учениците во училиштето, со цел запознавање со алатот, за неговата намена и примена, а учениците од ликовните смерови, под менторство на нивните професорки, изработија новогодишни украси со хумана порака, кои беа поставени во паркот до општинската зграда.

Двете работилници се обврзаа на меѓусебна континуирана комуникација и поддршка, споделување на нови практики и усогласување на услугите кои ги нудат, со цел подобра понуда за граѓаните.

На семинарот во Хрватска, освен од земјата домаќин и нашата земја, учествуваа претставнички од Србија, Бугарија, Косово и Босна и Херцеговина.

Извор: Гостиварпресс

Треба да знаете
Последни објави